На почеток


Најчести прашања и одговори за
    актуелни теми на ЕВН Македонија

Што е целта на новиот систем за фактурирање, отчитување и наплата на електрична енергија?

ЕВН Македонија: Новиот систем нуди подобри услуги, предности и поволности за корисниците. Поделбата на четири групи на корисници овозможува континуирано и прецизно отчитување на потрошената електрична енергија, а фактурите ќе се однесуваат на период од еден месец и ќе содржат повеќе информации. Отстапки од 30 дневниот период има само во транзицискиот месец мај кога поголем број од корисниците добија и пониски сметки поради помалиот број на отчитани денови во зависност од тоа во која група припаѓаат. Дополнителна предност е и тоа што корисниците ќе може да изберат на која адреса ќе им се доставуваат фактурите, со можност на една иста адреса да пристигнуваат фактури за повеќе броила, а плаќањето ќе може да се врши и во било кој град, без оглед на местото на живеење.

Дали фактурата за јуни ќе се однесува повторно за помал број денови, како што тоа беше случај во мај?

ЕВН Македонија: Не, веќе со втората фактура од новиот систем, опфатената потрошена електрична енергија ќе биде за период од точно 1 месец.

Од каде произлегува мојот заостанат долг прикажан на новата сметка?

ЕВН Македонија: Новиот билинг систем овозможува потрошувачите да имаат информација за своите обврски кон ЕВН Македонија. На овој начин компанијата им овозможува на потрошувачите да го согледаат потенцијалниот долг кoј би можел да биде и предмет на извршителите со идниот Закон за извршување. Секој случај е индивидуален и деталната информација од каде произлегува долгот може да се добие во Контакт центарот на ЕВН Македонија на 0890 12345 или во најблискиот Кориснички енерго центар (КЕЦ) или наплатен пункт.

Што доколку не добијам сметка на време или по истекување на рокот?

ЕВН Македонија: Со оглед на тоа што сметките за месец мај за прв пат се дистрибуираа по новиот начин преку Македонска пошта, ЕВН Македонија им излегува на потрошувачите во пресрет и нема да пресметува камата дополнителни 7 дена од рокот за плаќање пропишан во фактурата/сметката за месец мај.

Што доколку воопшто не добијам сметка?

ЕВН Македонија: ЕВН Македонија апелира до корисниците кои евентуално од било кои причини нема да добијат фактура, да се јават во Центарот за односи со корисниците и во приемните канцеларии во Корисничко енергетските центри и да побараат да им биде издадена.
Со тоа ќе се корeгираат евентуалните недоразбирања, а впрочем тоа е и законска обврска на корисникот според Правилникот за Условите за снабдување со електрична енергија, ако во предвидениот рок од било кои причини нема добие фактура, самиот да ја побара.

Каде и како можам да ги платам новите фактури?

ЕВН Македонија: Фактурите можат да се плаќаат во наплатните пунктови на ЕВН Македонија, во сите поголеми банки и во Македонска пошта, со приложување на новата фактура. Постои можност плаќањето да се врши и преку траен налог.

Дали може да добивам фактура на друга адреса/различна адреса од онаа на броилото?

ЕВН Македонија: Да, потребно е само да се обрати корисникот до најблискиот Кориснички Енерго Центар на ЕВН Македонија и да достави барање за промена на адреса за достава со потребните документи за идентификација и сопственост.

Дали како и досега за време на летните одмори ќе се праќаат паушални сметки?

ЕВН Македонија: Не. Во изминатите години вообичаено беше поради колективниот летен одмор поточно во месец Јули да се изготвуваат аконтативни сметки генерално за сите корисници.Од оваа година таквата пракса ке биде напуштена односно аконтација ке се изготвува само за одредени реони каде ке се укаже потреба.

Зошто сметката за заедничка потрошувачка во станбени објекти не се дели по станови, како што тоа досега се практикуваше во дел од зградите?

ЕВН Македонија: Согласно новиот закон за домување, менаџирањето со заедничките трошоци во зградата ќе биде обврска на новоформираните правни лица, па оттука и заедничката потрошувачка за електрична енергија ќе се регулира преку правното лице или Управителот на зградата. ЕВН Македонија апелира до куќните совети, по формирањето на новиот правен субјект во зградата, да склучат договор со ЕВН за регулирање на наплатата на потрошената електрична енергија за броилата од заедничката потрошувачка.

Што значи ставката ангажирана моќност во сметката за струја?

ЕВН Македонија: Ангажираната моќност претставува расположив капацитет на мрежата што му овозможува на потрошувачот да користи електричната енергија во секое време и според потребите во рамки на одобрениот капацитет. На пример: кога ќе го вклучите вашиот апарат или светло во домот, вие со тоа имате можност веднаш да почнете со трошење на електрична енергија која всушност ви стои на располање во секое време во системот. Aнгажираната моќност од 33% во сметките за електрична енергија е утврдена од Регулаторната Комисија за енергетика, во согласност со Тарифниот систем на Република Македонија. Во одредени земји, ангажираната моќност е дел од самата цена, а кај нас е транспаретно издвоена согласно постоечката регулатива.

На мојата улица нема/не работи уличното осветлување, зошто да ја плаќам сметката?

ЕВН Македонија: Уличното осветлување е во надлежност на општините, а со тоа и одговорноста зошто нема улично осветлување. Според Законот за Комунални такси, секое активно броило е подложено да ја плаќа таа такса за улично осветлување. За сите проблеми со уличното осветлување, потрошувачот или група потрошувачи треба да се обратат во соодветната општина. Парите што граѓаните ги уплатуваат преку сметката за електрична енергија на име комунална такса не се за ЕВН, туку на месечно ниво се префрлаат во соодветната општина. (Ослободување од плакање на Комунална такса за одредени реони се врши исклучиво со Одлука на Советот на Општината.)