EVN Македонија овозможи дополнителен рок од 7 дена за плаќање на мајските фактури
- Нема камата за седум дена задоцнување
EVN Македонија им излегува во пресрет на потрошувачите и нема да пресметува камата дополнителни 7 дена од рокот за плаќање пропишан во фактурата односно сметката за електрична енергија за месец мај.
Корисниците кои што ги добиле сметките на истата дата на која истекува рокот за плаќање, или порано или подоцна од крајниот рок нема да бидат оштетени бидејќи EVN Македонија им дава уште 7 дена за плаќање на фактурата без да наплатува камата. Ова е со цел продолжување на коректниот и заемен однос на компанијата со корисниците како и со оглед на тоа што овој месец е транзициски, кога се направи премина од стариот во новиот наплатен систем, и сметките за прв пат се дистрибуираа по новиот начин на испорака преку Македонска пошта.
EVN Македонија уште еднаш апелира до корисниците кои евентуално од било кои причини нема да добијат фактура, да се јават во Центарот за односи со корисниците и во приемните канцеларии во Корисничките енерго-центри и да побараат да им биде издадена. Со тоа ќе се корeгираат евентуалните недоразбирања, ќе се подобри базата со податоци за адресите на корисниците.
EVN Македонија и натаму останува отворена за своите потрошувачи и нивните потреби. За сите нејаснотии околу новиот систем може да се обратат во Центарот за односи со корисниците кој работи нон стоп 24 часа, а дополнителен капацитет е овозможен да ги опслужува потрошувачите во наплатните пунктови, како и во приемните канцеларии во Корисничките енерго-центри, кои работат од 07 и 30 до 15 и 30.
Превземи во формат .doc |