Одржан првиот регионален детски квиз за енергетика во Охрид
Во организација на EВН Македонија се оддржа првиот регионален детски квиз за енергетска ефикасност на кој учествуваа учениците од дванаесет основни училишта од Македонија.
Учениците од училишта од Битола, Демир Хисар, Македонски Брод, Пласница, Гостивар, Дебар, Кичево, Струга и Ресен се натпреваруваа на темата енергетска ефикасност.
Домаќини на првиот регионалeн квиз за енергетика што е новитет во Училишниот проект на ЕВН Македонија, беше ОУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид.
Триесетина деца на возраст од 10 години имаа можност преку многу забава, дружење и смеа да покажат колку многу научиле од работилниците кои компанијата ги спроведува во текот на целата учебна година, а со цел запознавање на децата со основните енергетски поими и разумно користење на електрична енергија.
Победници на првиот регионален детски квиз се учениците од ОУ „Св. Климент Охридски “ од с. Дреслаица - Струга, ОУ Браќа Миладиновци “ од Струга и ОУ „Кузман Јосифовски Питу“ од Кичево. Тие добија многу награди, а со победата стекнаа право да се натпреваруваат на националниот квиз за енергетска ефикасност.
Подароци имаше и за оние кои учествуваа, но не успееjа да се пласираат на првите три места. Сите учесници пак ќе имаат можност да уживаат и во прекрасната бајка “Јованче и Марика” – првата детска опера во Македонија која ЕВН Македонија овозможи да се прикажува во градовите ширум Републиката, близу до секое дете.
Следниот квиз ќе се одржи во Скопје на 18 февруари 2011 во ОУ „Дане Крапчев“ во населбата Маџари. Потоа регионалниот квиз се сели во Струмица, каде што најмладите ќе се натпреваруваат во просториите на Домот на АРМ.
Организацијата на Училишниот проект на ЕВН Македонија е помогната од невладините организации: Конект, МАЦЕФ, Младински Совет Охрид, Планетум Струмица, Жетва на знаење Прилеп.
|