ЕСМ-EVN ја реализира првата фаза од 110 kV-ниот енергетски ринг во
Гевгелискиот регион
ЕСМ-EVN пушти во употреба нов енергетски трансформатор со напонско ниво од 110 kV и моќност од 40 МВА. Со тоа се реализира првата фаза од инвестицијата наменета за енергетско поврзување на општините Гевгелија, Богданци и Дојран преку 110kV прстен. Досега регионот се напојуваше само преку една 110kV врска од Валандово до Гевгелија, што не беше доволно за задоволување на потребите на потрошувачите од трите општини. Со сегашната инвестиција се зголемува капацитетот на 110 kV-ната трафостаница Гевгелија за 50% на примарно и повеќе од 100 % на секундарно ниво. Новата инвестиција ќе овозможи квалитетно снабдување со електрична енергија на повеќе од 15 500 потрошувачи, од кои 2400 се индустриски, како и можност за голем број нови приклучоци од сите категории. Инвестицијата е од исклучителна важност за развој на индустријата во овој регион. „Се отвора можност и за приклучок на најавените инвестиции за развој на туризмот на планината Кожуф, како и најавените инвестиции во угостителско- рекреативните центри во овој регион. Со овој проект можеме да ги охрабриме и сите други потенцијални инвеститори дека ЕСМ-EVN ќе им овозможи квалитетно снабдување со електрична енергија согласно нивните потреби“-изјави Карл Хајнц Грасман, Заменик претседател на УО на АД ЕСМ.
Вкупната инвестиција е вредна два милиона евра, а во првата фаза, со замена на трансформатор со зголемена моќност, се инвестирани околу 500 000 евра. За заокружување на енергетскиот ринг во трите општини, во наредниот период ќе се градат: 110 kV трафостаница во Дојран, 35 kV далекувод од село Ѓавато до 35 kV ТС Богданци која во втората фаза ќе прерасне на 110 kV ниво, како и проширување на 110 kV постројка во Гевгелија. Освен инвестиции на висок напон во овој регион, ЕСМ гради и нови трафостаници и далекуводи на средно и ниско напонско ниво, како дел од инвестициската програма за 2007 година вредна 42 милиони евра.
Превземи во формат .doc
|