Поставен камен темелникот на 110кV ТС Петровец
Почна изградбата на 110кV ТС Петровец како една од позначајните енергетски инвестиции во скопскиот регион. Новиот објект се гради на локација на веќе постоечката 35 кV трафостаница изгрaдена oд пред 40 години, од која во моментот се снабдуваат 25 000 потрошувачи. Со новата инвестиција капацитетот се зголемува за четири пати, со што ќе се зголеми квалитетот во снабдувањето, прекините ќе бидат сведени на минимум, а значително ќе се намалат и техничките загуби.
Новата 110 кV трафостаница ќе значи поквалитено снабдување со електрична енергија на аеродромот Александар Велики, НАТО кампот во близина на аеродромот, бањата Катланово, населбите Петровец, Идризово, Јурумлери, Зелениково, Коњари, Орешани, Мралино и околните села. Ќе се овозможи и резервно напојување на потрошувачите во слободната економска зона „Бунарџик“, како и можност за индустриски развој во тој реон.
Темелите симболично беа удрени од г-дин Карл Хајнц Грасман, Заменик претседател на УО на АД ЕСМ и Звонко Петковски, градоначалник на општина Петровец.
„Новата трафостаница ќе даде поттик и за развој на малиот бизнис во околината. ЕСМ-EVN и понатаму продолжува со реализација на сите планирани проекти не само во регионите со потенцијален економски раст, туку и во сите населени места и општини за задоволување на потребите на сите наши потрошувачи“ изјави г-дин Грасман.
Покрај градбата на трафостаницата, проектот предвидува и нова средно и ниско напонска мрежа.
Целата инвестиција е вредна 3 милиони евра и предвидено е да се реализира најдоцна до март идната година.
Превземи во формат .doc
|