ЕВН Македонија и ЗЕЛС потпишаа меморандум за соработка
Заедниците на локалната самоуправа ЗЕЛС и ЕВН Македонија, потпишаа Меморандум за соработка со кој се предвидува подобрување на соработката и зголемување на ефикасноста во работењето.Меморандумот ќе претставува основа за решавање на повеќе отворени прашања меѓу ЕВН Македонија и општините.
Со потпишувањето на Меморандумот за соработка, општините се обврзаа да го платат заостанатиот долг за административните згради, најдоцна до крајот на февруари.
За полесно плаќање на заостанатиот долг за улично осветлување, општините ќе можат да склучат договор на рати кој мора да заврши најдоцна до крајот на март идната година. Oние општини кои нема да ги почитуваат наведените одредби од Меморандумот за соработка ќе бидат исклучени од дистрибутивната мрежа.
ЕВН Македонија ќе достави податоци за долговите на секоја општина поединечно. На овој начин ќе се зголеми и евиденцијата во наплатата на комуналните такси за улично осветлување. Општините ќе бидат информирани и за сите нови приклучоци на нови броила во нивната територија.
До крајот на април годинава ЕВН Македонија ќе обезбеди предуслови за приспособување на уличната мрежа за улично осветлување. ЕВН Македонија и општините во иднина заеднички ќе ги следат развојните инвестициски и урбанистички планови. Општините при донесувањето на урбанистичките планови, покрај ресорното министерство ќе ја известуваат и ЕВН Македонија. На тој начин взаемно ќе се услогасат планирањето на просторот и натамошното инвестирање во областа на енергетиката. Истовремено ќе се надмине проблемот со непланско вклучување на мрежата, што сега резултира со неквалитетна испорака на електрична енергија.
„ За подобрување на електроенергетската инфраструктура, ЕВН Македонија ќе обезбеди дополнителни водови, нови сијалични места и решенија, а преку заедничкото следење на инвестициски и урбанистички планови ќе се обезбеди квалитетна услуга„, изјави Георг Валднер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија АД.
Потпишувањето на овој меморандум го поздрави и претседателот на ЗЕЛС, г-дин Андреј Петров.
„Овој договор не е во интерес на општините или ЕВН, туку во интерес на граѓаните. Целта на секој градоначалник е да им овозможи на граѓаните да добијат квалитетни услуги, изјави г-дин Петров.
Меморандумот за соработка има за цел да го подобри процесот на фискална децентрализација, преку поголема наплата на комуналните такси и даноци. Истовремено ќе обезбеди технички предуслови за квалитетно и непречено снабдување со електрична енергија.
Превземи во формат .doc
|