Прв детски квиз за енергетика во организација на EVN Македонија
Ученици од 16 основни училишта од Македонија се натпреваруваа на првиот детски квиз на прашања од областа на енергетиката, во организација на EVN Македонија. Квизот се одржа во рамките на проектот Училишен сервис кој компанијата го реализира втора година по ред.
Најдобри резултати постигнаа учениците од основното училиште „Даме Груев“ од Битола со освоена прва награда, второ пласирани беа учениците од „Партение Зографски“ Кисела Вода- Скопје, и третата награда ја доби училиштето „Абдул Фрашери“ с.Боговиње. Освен лични награди за победниците, трите првопласирани училишта добиваат и организирани посети на хидроцентралата Матка, на Центарот за потрошувачи на EVN Македонија, како и обезбедување штедливи светилки за просториите во училиштето.
Истовремено, наградени беа и најдобрите цртежи и стихотворби на децата кои изминатиот период конкурираа на отворениот конкурс на EVN Македонија за ликовни и литературни творби на тема енергетика.
„ На проектот Училишен сервис, EVN Македонија му пристапува со голема креативност и ентузијазам, а на наше огромно задоволство нашите најмлади потрошувачи ни возвраќаат со уште поголема креативност“, изјави Ленче Карпузовска, раководител на Одделот за Комуникации во EVN Македонија, на отворањето на натпреварот.
Програмата беше збогатена и со присуството на поп дивата Калиопи која во оваа пригода на учесниците им подели музичко ЦД од својот најнов албум, како и карти за претстојниот концерт во Метрополис Арена.
Инаку, проектот „Училишен сервис“ предвидува посета на сите основни училишта во Македонија и целта е едукација на најмладите потрошувачи за основните енергетски поими и како разумно да ја користат електричната енергија. Досега беа посетени 144 училишта, а до крајот на учебната година се предвидени уште 40-тина. За успешноста на овој проект голема заслуга имаат повеќе невладини организации кои учествуваат во развивањето и имплементацијата на проектот и тоа: Здружението на граѓани Конект, МАЦЕФ од Скопје, Младински совет –Охрид, Жетва на знаење –Прилеп, Планетум-Струмица, Липа од Куманово и Грин Пауер –Велес.
Превземи во формат .doc |