ЕВН Македонија го реши проблемот со снабдувањето со електрична енергија во тетовскиот регион со пуштање на новата трафостаница Теарце. Официјалниот старт на трафостаницата денеска заеднички го означија ЕВН , МЕПСО и Владата на РМ.
Тетово и Долни Полог добија нова 110 кВ трафостаница која ќе обезбеди квалитетно напојување со електрична енерија на околу 10.000 потрошувачи. Со тоа на долг рок ќе се решат досегашните проблеми на потрошувачите од општините Теарце, Јегуновце, Желино и дел од Тетово, каде дистрибутивната мрежа беше со голема преоптовареност што беше и причина за чести испади.
„Среќни сме што жителите од Тетово и регионот ќе добијат квалитетно и сигурно напојување со електрична енергија, што е и наш приоритет. Капацитетот на трафостаницата е зголемен за 8 пати, што истовремено претставува и можност за снабдување на нови 80.000 потрошувачи како и зголемен индустриски развој на регионот„ изјави Георг Валднер – претседател на Управен одбор на ЕВН Македонија.
“Оваа електроенергетска постројка е од огромно значење за подобрување на напонските прилики во регионот на Полог, oсобено гледајќи ја оваа трафостаница како дел од поширокиот зафат за подобрување на мрежата со ревитализација на 110 kV далековод Вруток – Полог –Тетово, чија изградба е во тек”, изјави Владимир Здравев, Генерален директор на МЕПСО.
„ Би сакал да нагласам дека ова е првата трафостаница на висок напон која се пушта во употреба од влезот на ЕВН во Македонија, и во наредниот период двете компании ЕВН и МЕПСО, во соработка со Владата, планираат да пуштат во употреба уште неколку вакви трафостаници” изјави Владимир Пешевски, Заменик Претседател на Владата на РМ.
Новата 110 кВ трафостаница има инсталиран капацитет од 20 MBA, со можност за натамошно проширување до 80 МВА. Се очекува новата трафостаница да биде веднаш оптоварена со моќност повеќе од 15 MBA.
Ова е еден од најголемите проекти во Тетовскиот регион и претставува еден од многуте инвестициски проекти на ЕВН Македонија. |