ЕВН Македонија и градот Скопје го одбележаа јубилејот
Еден век од првата електрична светилка во Скопје и РМ
Jубилејот се одбележа со потпишување на Меморандум за соработка за рационално користење на електричната енергија, помеѓу ЕВН Македонија и градот Скопје
15.12 .2009-Скопје, Еден век од првата електрична светилка во Скопје и во Р. Македонија е големиот јубилеј, што беше свечено одбележан, од страна на ЕВН Македонија и градот Скопје. Одбележувањето на овој јубилеј симболично се одржа во просториите на Балканскиот универзитет, кој е сместен во некогашниот конак на скопскиот валија и турската администрација, која всушност била првиот електрифицирана зграда во државата во 1909 година.
Заокружувајќи една значајна ера, претставниците на ЕВН Македонија и претставниците на град Скопје, започнуваат нова соработка одбележувајќи ги новите предизвици во новата ера на рационално користење на електрична енергија.
„ Огромна чест и задоволство е да се биде дел од еден ваков значаен јубилеј кој ние овде денеска го одбележуваме. Овој настан е доказ дека модерните технолошки решенија, не биле непознати за овој регион. Денеска ние сме исправени пред исто таков голем предизвик како што пред 100 години биле нашите предци. Во ерата на рационалното користење на електричната енергија, ние имаме огромна одговорност да понудиме решенија со што ќе овозможиме и практична примена на принципите на рационално користење на електрична енергија„ ,рече Георг Валднер, претседател на Управниот одбор на EVN Македонија.
Претседателот на Управниот одбор на EVN Македонија и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски потпишаа и Меморандум за соработка од областа на рационалното користење на електричната енергија. Преку Меморандумот двете страни се согласија на заедничка соработка од проекти од оваа област, при што ЕВН Македонија ќе понуди експертска и техничка поддршка.
„ Локалната самоуправа има најблиски контакти со граѓаните, па оттука, има огромна улога во градењето на свеста и градењето на животен стил каде ќе се практикува и негува рационалното користење на елеткричната енергија. Започнуваме долгорочна соработка со ЕВН Македонија и заеднички ќе се обидеме во оваа наша акција да дадеме сериозен придонес кон рационалното користење на електричната енергија во секојдневниот живот “, изјави Коце Трајановски, градоначалник на Скопје.
Одбележувањето на овој значаен јубилеј се одржува на Светскиот ден посветен на рационалното користење на електричната енергија. Неодамна и Европската комисија донесе директива со која се предвидува замена на сите светилки со енергетски ефикасни, со што досегашните светилки целосно ќе се исфрлат од употреба. |