Св.Преображение во Крушево наскоро ќе свети во полн сјај - EVN
Македонија ја почна електрификацијата на манастирот
EVN Македонија ја почна изградбата на мрежата за обезбедување електрична енергија за манастирот Св.Преображение во Крушево, една од најголемите желби на македонската поп икона Тоше Проески. Трасата по која ќе се гради кабелскиот вод е долга 7.6 километри, од кои 3 километри ќе бидат надземен, а остатокот подземен вод долж новоизградениот пат кој води кон манастирот. Свеченото обележување на стартот на изградбата на електричната мрежа го означи премиерот Никола Груевски заедно со менаџментот на ЕВН Македонија и семејството на Тоше Проески.
" Започнавме со поддршка при градбата на музејот за Тоше и на иницијатива на Премиерот се ангажиравме во овој заеднички проект. Но, да не запираме тука. Тоше имаше сон и овој сон ќе го оствариме заедно со Владата и Фондацијата, многу брзо целиот комплекс ќе свети силно и ќе привлекува бројни посетители и обожаватели од целиот регион, изјави Др.Гинтер Офнер, ЦЕО на ЕВН Македонија Холдинг.
" Голема чест и привилегија за ЕВН Македонија е да работи на остварување на желбата на Тоше Проески. Убеден сум дека овој проект ќе отвори нови можности за развој на Крушево, особено во туризмот, изјави г-дин Вернер Хенгст, Претседател на Управниот Одбор на ЕВН Македонија.
Од Фондацијата Тоше Проески се заблагодарија за донацијата од ЕВН и најавија дека наскоро ќе почне изградбата на 33 метарскиот крст заблагодарувајќи им се на сите оние кои придонеле за тоа со своето присуство на концертот по повод роденденот на Тоше.
Инаку, манастирот се очекува да засвети за околу педесетина дена согласно потребното време за реализација на овој проект.
Неговата вредност е над 300 000 евра и е донација на ЕВН Македонија за Меѓународната Фондација Тоше Проески и македонскиот народ. |